My Writings. My Thoughts.
Страствени пулсирања
// декември 19th, 2011 // No Comments » // поезија
Ноќта се прикрадува со совршенство
познато само на оние кои ја вкусиле вечноста,
со божествена прецизност ни ги слекува маските,
додворувајќи и се на нашата наивност.
Со вплеткани јазици, ослободени од инхибиции,
во прегратка од страсти и забранети бладања,
без срам и двоумење го запираме времето,
возвраќајќи го ударот со украдени воздишки.
Секое движење инспирира скриена симфонија
меѓу два допира што лебдат во воздухот,
меѓу два куршума испалени од срцата,
меѓу безбројни трансформации на себеси.
Во епицентарот на бурата зачната од погледи
нашите пијани срца се капат во оганот
изгорени од желба за целосно спознавање
на вечното блаженство што в крвта ни пулсира.
Разбуди се!
// декември 8th, 2011 // No Comments » // поезија
Немир и бура вгнездена во бура
секогаш кога насилно ќе се стркала
горка солза по твоите невини усни
гордо чекајќи ме да ја вкусам.
Врисок и расцепување на свеста
секогаш кога тивко ќе ги сокриеш
раните на демонот во тебе
надевајќи се дека ќе ги залечам.
Плач и магливи траги од лудило
секогаш кога ќе го проколнеш
сивилото што се почесто те обвива
предизвикувајќи ме да го обојам.
Насмевка, скоро незабележлива
за оние кои не ти ги научиле тајните
секогаш кога крваво ќе се изборам
со темнината што те поробила.
Крај и спомени што ќе ги заборавам
кога набрзо ќе ме надвладее
уморот од некоја твоја нова битка
залудно обидувајќи се да те разбудам.
Ми недостигаш
// ноември 9th, 2011 // 2 Comments » // поезија
Пред да отпловиш…
Страстите гордо претрчуваа пред мислите.
Музите се насладуваа со горчини и се капеа во нежности.
Времето запираше во интервалите на нашето лудило.
Кругот беше затворен, погледите се протегаа до бесконечност.
Смртта го прифати поразот и и се поклони на нашата унија.
Причините беа ослободени од товарот на последиците.
Откако ветерот те одвеа…
Заклано е јагнето во мене, а поротниците се веќе одамна заспани.
Крвта раѓа жед за нова крв, усните бараат усни за да заборават.
Телата висат обесени на јажиња исплетени од воздишки и се нишат во ритамот на одмазда.
Свеста е силувана во обид да се покори егото.
Сонот ги продава боите за да купи нечии туѓи спомени.
Зборовите се удавени во тишина што скаменува.
Врати се…
Да се опијам повторно од нектарот на невиноста.
Да и се радувам на секоја твоја несовршеност.
Да ја убијам гордоста со меч искован од прашина.
Да чујам како дождот и се додворува на пролетта.
Да потрошам денови потонат во миговите.
Да го жртвувам почетокот за да ги продолжам краевите.
Всушнот се што сакав да кажам е „Ми недостигаш“.
Трансформација
// ноември 4th, 2011 // 2 Comments » // поезија
Тежнеење…
кон изгорени почетоци
на некои стари краеви
случајно погледнати
низ призма од илузии.
Талкање…
низ умствени коридори,
прашливи и заборавени,
за последен пат откриени
од зраци утринска светлина.
Тлеење…
на огнови вжарени
од инстинкти и имплусли,
на тишини потиснати
и зборови недоречени.
Трепетење…
на јас во себеси,
безусловно и безтежинско,
асинхроно, невино,
и сосем природно.
Трансформација…
неопходна и очекувана,
и повеќе од доволна,
на интровертни погледи
во трошки мудрости.
(Не)Постоење
// септември 4th, 2011 // 1 Comment » // поезија
Ти си умртвено божество на слепа и гола невиност
и заспана воздишка меѓу усни кои треперат,
притаен врисок и влажност од сочувани градини
реалност, илузија или само себична манифестација.
Инспирираш насилство и есенцијална трансформација
од множина во еднина, од тишина во тишини
со суптилни движења и пресметана мистичност
хранејќи ги жедните за покорување и одмазда.
Се раѓаш од негација на формата и енергијата
и за момент стануваш трансцендентално битие
кое демне низ времепловот на отелотворени апстракции
и се соединува со почетокот во оргазмичен одблесок.
Умираш заклучена во аголот на нечија фантазија,
со горда насмевка, опиена од лажни мудрости,
и во горките моменти пред целосно да исчезнеш
безгласно го најавуваш твоето повторно враќање.
Но не, зборовите ни најмалку не ти се достојни,
ниту пак чувствата и мирисите што безмилосно ги украдов,
ниту залудните обиди да ти ги научам длабочините
и да ја обелоденам вистината за твоето (не)постоење.
(Не)Реалност
// август 21st, 2011 // 1 Comment » // поезија
Грев, терор, молк,
и жртва на измислени божества,
проголтано „те сакам“
и срамежлив поклон на страста,
тап звук кој бескрајно се повторува,
и ехо и одблесок и каење,
тоа е се што остана,
единствено што запаметив
од нашите залудни обиди
да и се спротиставиме на краткотрајноста,
да ја украдеме магијата,
да го обиме сивилото,
и да потонеме во единство.
Дали нивните врисоци се посилни од нашата тишина,
дали збирот на целата површност е повеќе од една длабочина,
и дали ветувањето на утрото може да ги избегне последиците,
или сме само среќници опиени од сопствената шизофренија.
Додека играм со зборови ти ги бришеш трагите,
заклучувајќи ја секоја незабележана поединечност,
за тебе крварев пред целосно да и се предадеш
на искривената илузија што ја нареков реалност.
Единство
// август 5th, 2011 // 3 Comments » // поезија
Јас и ти,
катаклизмично одекнување во празнина,
молк,
и изговор да ги разбудиме божествата.
Ти и јас,
порота на нивното безљубие,
нож заринат длабоко во грлото на вистината,
и трепет
и мир
и единство.
Трага
// јули 12th, 2011 // 1 Comment » // поезија
Ти си отелотворение на жедта за карнално блаженство,
асинхроно повторување на ехо од еден исконски врисок,
совршена манифестација на сладок и невин поток од мисли
и достојна казна за погледи плитки и украдена радост.
Јас сум горчлив нектар со кој ја нахрани секоја твоја пора,
подадена рака кон свеста која молчи во аголот на кругот,
оргија на мириси и звуци што го врзува почетокот со крајот
и богот и неговата жртва и негација на лагите во нив.
Заедно ништо повеќе од скромни владетели на сончеви утра,
срамежливи деца на надежта родена од космички оргазам,
голтка заборав каде што ти почнуваш, а јас завршувам,
унија од единствени самогласки на вечната неизреченост.
Денес сме за еден здив помалку од она што бевме вчера,
замрзнат момент од клонирани воздишки што длабочини горат,
утре само прашина на полицата од погребани сништа,
последниот стих во нечиј залуден обид да остави трага.
Окови
// јули 8th, 2011 // 5 Comments » // поезија
Додека крадев виножита од сонцата на твојата младост
ти се навлече на празни стихови и емоционално бладање,
а сјајот на утрата се потешко се провира низ капаците
оставајќи ги вчерашните воздишки да и тежат на строфава.
Јас пресудив,
ти премолче
и ја закла музата во себе!
Неразбрана тишина
// јуни 16th, 2011 // 2 Comments » // Некатегоризирано
Мирувај, слушни го мојот врисок. Знам, те плаши она што можеш да го слушнеш. Те плаши разбивањето на мојата проекција во тебе. Со години градев зидови, ја маскирав реалноста со стихови кои промовираат илузија. А ти се вљуби во илузијата, ти заборави да погледнеш подлабоко од површината.
За тебе ги срушив зидовите.
Ме изгуби во магливата прашина на рушевините.
Леснотијата на нашето заедништво тежи на совеста и секој знак на совршеност во нашите движења раѓа сомнеж. Црна точка што делумно го засенува светлото на крајот на тунелот и бара одговор на неми прашања. А совршеноста диктира изолираност, бара решение на равенка со премногу променлви каде единствената константа е нашата наивност.
Зарем никој нема да ја оспори нашата автентичност ?!
Уморен сум од среќни краеви и навидум безначајни забелешки. Кога само не би го знаел она што го знам, кога не би ја чувствувал секоја твоја неизреченост. Се прашувам кога ли станавме предвидливи, кога удобноста премина во монотонија. А предвидливоста води кон просечност, просечноста води кон заборав.
Се што сакав е да ја разбереш мојата тишина.



